Соопштение на Ивица Димитров, градоначалник на општина Виница:
Почитувани,
Би сакал да ве информирам дека до овој момент на територијата на општина Виница сеуште официјално нема потврдено ниту еден позитивен случај на Коронавирус, простор за паника нема, но по новонастанатата ситуација во Кочани, неопходно е да настапиме уште посериозно и поодговорно кон препораките за поголема социјална изолација и почитување на сите досегашни мерки на превенција како единствен сигурен механизам во борбата со Коронавирусот (држење дистанца; избегнување блиски контакти; избегнување групирање; седење дома и практикување на сите други мерки).
Оваа вонредна ситуација сигурно ќе потрае, и барем досега сакам да ви искажам благодарност за трпението, дисциплината и одговорноста која ја имате и силно верувам и сум убеден дека со високо развиена колективна свест успешно ќе го надминеме предизвикот –Коронавирус.
Воедно, должност ми е и да ве информирам дека до овој момент имаме вкупно 24 лица кои се во изолација, од кои 12 се во домашна самоизолација, додека другите 12 се во државен карантин. Во текот на викенд полицискиот час во нашата општина, за непочитување на забраната за движење после 16.00 часот, поднесени се вкупно 7 пријави.
Во ова прилика мора да покажеме разбирање и почит и кон вработените во Полициската Станица во Виница кои се постојано на терен, и засега добро се носат со новонастанатата ситуација.
Како општина, во соработка со ЈП “Солидарност“ и ТППЕ, продолжуваме со досегашните мерки за дезинфекција на градот и населените места, како и со практикување на сите препораки од Владата, но за побрзо и побезбедно да го надминеме критичниот период кој се очекува во државата, неопходна ни е ВАШАТА ПОДРШКА, бидејќи ОД НАС ЗАВИСИ !!!!!