Во Виница панихида во чест на капетан Кирчо Димитриов

Дождот не ги спречи виничани денес достојно со сите почести да оддадат почит пред спомен бистата на капетан Кирчо Димитриов во кругот на собраниската зграда.

На деветнаесетгодишнината од смртта на македонските бранители во војната 2001, панихида пред споменикот на Димитриов оддржа свештените лица од храмот “Св.Архангел Михаил“, а ученици од ОУ “Гоце Делчев’ рецитираа стихови во придружба на хорот под менторство на наставникот Игор Харалампиев.

За животот и делото на капетан Кирчо зборуваше Гоце Георгиев, претседател на Организацијата на резервни офицери, кој воедно повика да се оддаде едноминутно молчење на сите 78 македонски бранители кои загинаа во војната во 2001г.


Градоначалникот Димитров обраќајки се кон присутните, рече: “Капетан Кирчо Димитриов заедно со останатите припадници на безбедносните сили ги зачнаа почетоците од пишувањето на новата македонска историја која сеуште се пишува, но се надевам дека веќе со нашиот влез во НАТО Алијансата, ќе бидеме држава чии интегритет и меѓународен суверинитет се загарантирани, и јас лично сум голем оптимист дека конечно иднината на ова држава се движи во една прогресивна насока. Како општина, имаме должност и обврска, да не ја поттурнуваме историјата настрана, напротив сите тие настани од минатото континуирано да ги поддржуваме и да го потенцираме нивниот удел во придобивките кои ги стекнуваат нашите нови генерации“.


Тој кобен 4-ти март, македонските безбедносни сили загубија уште двајца припадници, Дејан Јакимовски(25) од Куманово кој беше заедно со Капетан Кирчо и Теодор Стојановски (24) кој загина од снајперски оган.
Пред спомен бистата на капетан Кирчо Димитриов денес свежо цвеќе положија претставници од сите институции, како и од Армијата и фамилијата Димитриови.

Општина Виница

Сподели: