Во вторник, 28.01 2020 година со почеток од 20:00ч во Спортската сала во Кочани, традиционално по осми пат ќе се одржи хуманитарниот концерт „По патеките на Тоше“.
Пред публиката во Кочани, годинава ќе настапат повеќе локални пејачи, меѓу кои Петар Малинов, Дарко Стојчов, Оливер Стаменков, Драгана Јорданова, Виктор Постолов, Сања Златкова, Јован Стојанов и Кристијан Петров. Од пошироката македонска музичка сцена свој настап ќе имаат Наташа Малинкова, Филип Пецовски и Мина Блажева.
И оваа година како и претходните, средствата собрани од концертот ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Организаторот на настанот Тоше Илиев, најави дека годинава прометот од продажбата на картите ќе биде наменет за 8-годишната Ивана Алексова, која боледува од церебрална парализа.
Хуманитарниот концерт „По патеките на Тоше“ се организира осма година по ред, во чест на роденденот на македонската поп икона Тоше Проески.
И.Матеничарски