Во завршна фаза е реконструкцијата на дворот во ОУ „Малина Попиванова“

Привршува реконструкцијата на дворот во училиштето „Малина Попиванова“ во Кочани.

Изведувачот на работите, фирмата „Панел М“ заврши со поставување на асфалтот на игралиштата за ракомет и кошарка , а деновиве ќе се постават и спортските реквизити како и исцртување на терените за кошарка и ракомет.

Со реконструкцијата е опфатена вкупна површина од 10 илјади метри квадратни на кој се градат терени за фудбал, кошарка и ракомет, детско игралиште,  забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни потреби.

Во рамки на проектот изградена е беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен и патеки. Целта е да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина.

Вкупниот износ на средствата наменети за реконструкција на дворот на училиштето  е 3.505.059 денари, од кои 2.700.000 денари обезбедува Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот нa УНДП, „Зајакнување на општинските совети“, а остатокот е учество на Општина Кочани.

Воедно, со средства од буџетот на училиштето во тек е инсталација на ново осветлување на дворот, видео надзор и хортикултурно уредување, се работи и на реконструкција на училишната спортска сала каде се обновуваат ѕидовите, а планирана е замена на подот и прозорците на салата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: