Во Зрновци заврши изградбата на етнокуќа и регионален етнопарк

Во Зрновци заврши втората фаза од проектот за изградба на етнокуќа и регионален етнопарк.

Во насока на зачувување и негување на културните вредности на Зрновци во регионалниот етнопарк и етно куќа ќе се сместат  стотици експонати, сведоци на минатото, што ќе  останат во наследство на идните генерации.

Етнокуќата има автентичен селски изглед и во неа ќе бидат изложени домашни алати, облека и стари предмети што се карактеристични за регионот.

„Заради комплетирање на експонатите ги повикуваме сите граѓани кои имаат стари предмети што ги користеле нивните предци при секојдневното живеење, а што веќе не им се потребни, да ги донираат. Тоа можат да бидат разни предмети од текстил, дрво, метал, глина, стари фотографии и слично, при што ќе биде назначено од која фамилија потекнуваат. Старите фотографии ќе бидат преработени, ќе се изработи копија, а оригиналите ќе им бидат вратени на сопствениците“ истакна градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков.

Средствата за  проектот ги обезбедија Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион и Општина Зрновци.

Сподели: