Во Зрновци започна одбележувањето на Денот на општината – Митровден

Со фолклорно дефиле и настап на играорни групи од Македонија и странство, денеска во Зрновци започна програмата за одбележување на 8 Ноември, Денот на општина Зрновци.

Настанот започна од плоштадот „Св. Димитриј“ во центарот на Зрновци каде фолклорни состави од Зрновци, Македонска Каменица,  Босилеград, Р.Србија, Благоевград, Р. Бугарија продефилираа низ централните улици на Зрновци.

Културно – уметничката програма продолжи во Домот на културата во Зрновци каде пред многубројната публика со фолклорни точки се претставија играорците домаќини и гости.

– Како претседател на Советот на Општина Зрновци Ви го честитам празникот  и заштитникот на општината „Св. Димитриј“ – Митровден.  На културно – уметничката програма настапуваат играорни групи ФА „Пиринче“ од Благоевград, Р. Бугарија, ФА „Младост“ од Босилеград, Р. Србија, КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица и ФА „Љупло Сантов“ од Зрновци и Оризари. Ја користам приликата да се заблагодарам на сите вклучени во реализаија на проограмата за одбележување на празникот на општината – истакна Виктор Анакиев , претседател на Советот на општина Зрновци.

На настанот беа изложени уметнички дела од Ликовната колонија по повод Митровден насликани на тема „Општина Зрновци во есен – златен рај на душата“ од уметници од Зрновци и регионот.

За домашните и странски гости беше поставена и традиционална трпеза со храна од поднебјето на Зрновци приготвена од домаќинки, членки на здруженија, организации и вработени во локалната самоуправа.

Во рамки на одбележувањето на Митровден, за утре 7 ноември е закажана свечена седница на Советот на Општина Зрновци по што ќе се положи свежо цвеќе на споменикот на „Св Димитриј“  на плоштадот во Зрновци.

Програмата ќе продолжи со базар и настап на учениците од ОУ „Синиша Стоилов“ и ЈОУГД „Бисерчиња“ и вечерна литургија во црковниот храм „Св. Димитириј“ во Зрновци.

И. Матеничарски

Фото : А. Арсов

Сподели: