Во Зрновци „Младите трчаат“ во чест на Васе Ангелов

Во организација на локалната самоуправа на Општина Зрновци и Локалниот младински Совет, денеса во Зрновци се одржа урбан – ридски крос „Младите трчаат“ во чест на сограѓанинот Васе Ангелов.

На трката учествуваа над 170 пријавени натпреварувачи од општината кои трчаа на урбано – ридска патека во должина од 2,5 километри.

Трката започна од повеќенаменското игралиште „Васе Ангелов“ низ централните улици на Зрновци до манастирот „Св. Тома“ во подножјето на планината Плачковица.

– Почитувани учесници на вториот традиционален урбано-ридски крос, под мотото “МЛАДИТЕ ТРЧААТ”, а во чест на нашиот другар Васе Ангелов, ви се заблагодарувам за вашето учество со над 170 учесници и подршка на овој прекрасен спортски настан. Како градоначалник ви ветувам дека овој прекрасен настан од година во година ќе го растеме и негуваме. Им честитам на членовите ЛМС – Зрновци  на прекрасната организација и општествена  посветеност, на фамилијата Ангелови огромна благодарност за подршката што ја даваа во целиот настан, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

На победниците на трката им беа додели медали и дипломи, додека на поддржувачите на настанот благодарници за поддршката во реализација на спортскиот настан.

Целта на настанот  е промовирање на спортувањето меѓу младите во Зрновци како и чување на споменот на сограѓаниот Васе Ангелов.

И. Матеничарски

Сподели: