Денеска на црковно-народен собир на ридот кај филтер станицата над Зрновци беше осветен Македонскиот крст.
Чинот осветување го изведе митрополитот брегалнички г.Иларион во сослужение на свештенослужители од кочанското архиерејско намесништво.
Симболот на христијанската вера беше поставен по барање на жителите на општина Зрновци преку донација од семејството Гоцеви. На негово поставување, партерно уредување на просторот, осветлување и сообраќајно поврзување интензивно се работеше во текот на целиот месец.
– Крстот е изработен од метална решетка, има височина од 18,5 метри, а ширината на краците изнесува 14 метри. Материјалите и поставувањето се донација од семејството на Јоце Гоцев. Јас и Советот на Општината помогнавме со усвојување на соодветна одлука за локацијата, за пробивање на сообраќајниот пристап и партерното уредување на целиот простор, како и за обезбедување електрична енергија и осветлување на крстот. По чинот на осветувањето тој е предаден во владение на МПЦ ОА и нејзината Брегалничка епархија, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.