Во Зрновци почна одбележувањето на 8 ноември – Денот на општината

Советот на Општина Зрновци одржа свечена седница на која беа доделени признанија на десетина граѓани и општествено одговорни компании кои дале особен придонес во општествениот и економски развој на општината, а во рамки на одбележувањето на 8 Номеври – Денот на општината.

Претходно, по повод верскиот празник Митровден во храмот „Св. Димитриј“ во Зрновци  се одржа црковна литургија и ручек за верниот народ. На плоштадот во Зрновци пред споменикот на заштиитникот на општината делегации положија свежо цвеќе.

-Заедно со Советот и вработените во стручните служби, со локалните институции и Локалниот младински совет годинава реализиравме голем број проекти за подобрување на животните услови за сите нас. Тоа особено се однесува кај патната инфраструктура со што го менуваме ликот на трите населби во општината и ја подобруваме безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Селото Видовиште доби станица за пречистување на водата, направено е ново дупчење за вода, а покрај постојниот, во изградба е нов резервоар за водоснабдување. На реката во селото Мородис наскоро ќе почне изградба на армирано-бетонска преграда и мини акумулација за наводнување, а ќе биде реализиран и проект за уредување простор за спорт и рекреација. Обезбедени се 24 милиони денари за промена на секундарната водоводна мрежа во Зрновци, чија реализација ќе почне напролет, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Градоначалникот Коцев соопшти дека се привршуваат планско-урбанистичките активности за пет урбани блокови во општината при што ќе се обезбедат 22 хектари приватно и државно земјиште за изградба на објекти за домување и стопанство.Обезбедена е финансиска помош за ученици и студенти, ангажирано е стручно лице – логопед, а во соработка со Министерството за здравство ќе се изработи проект за реконструкција на општинската амбуланта.

Во рамки на одбележувањето на празникот на Општина Зрновци, во текот на викендот е закажана  богата музичко-забавна програма.

На неа ќе  учествуваат учениците од основното училиште, фолклорни ансамбли и рок групи, а ќе се одигра и финалниот натпревар од Митровденскиот турнир во мал фудбал.

И. Матеничарски

Сподели: