Младиот Горан Радев од селото Мородвис беше најсреќниот од дваесетината пријавени момчиња кои скокаа по светиот крст во водите на река Зрновка, во рамки на одбележување на христијанскиот празник Богојавление – Водици.
На Радев ова му е четврто скокање во водите на Зрновка за Водици и прва среќа да го фати крстот.
Традиционално, светиот крст во општина Зрновци беше спуштен во водите на Зрновка пред голем број верници на мостот кај основното училиште „Синиша Стоилов“. Водосветот го изврши парохискиот свештеник Лазар Коцев кој ги освети водите во Зрновци.
Од името на граѓаните на Општина Зрновци, градоначалникот Борчо Коцев на најсреќниот му додели подароци посакувајки му здравје, успех и среќа во животот.
И. Матеничарски