Во Зрновци светиот крст во рацете на 21-годишниот Михаил Стаменов

Младиот 21 – годишник Михаил Стаменов од Зрновци беше најсреќниот од дваесетината пријавени момчиња кои скокаа по светиот крст во водите на река Зрновка, во рамки на одбележување на христијанскиот празник Богојавление – Водици. На Стаменов ова му е прво скокање во водите на Зрновка за Водици и среќа да го фати крстот.

Традиционално, светиот крст во општина Зрновци беше спуштен во водите на Зрновка пред голем број верници на мостот кај основното училиште „Синиша Стоилов“. Водосветот го изврши парохискиот свештеник  Лазар Коцев кој ги освети водите во Зрновци.

Градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев  на Стаменов му додели пригодни подароци при што ја искористи приликата да го честита празникот Богојавление – Водици на сите граѓани и да им посака здравје, среќа и благосостојба.

Претходно во црковниот храм „Св. Димитрија“ во Зрновци беше отслужена Света божествена литургија пред многубројните верници кои утрово го посетија светиот храм во Зрновци.

И. Матеничарски

Сподели: