Општинската изборна комисија – Кочани (ОИК) денеска ги додели уверенијата за мандатите на градоначалникот Љупчо Папазов и 19 советници во Советот на Општина Кочани.
Свеченото доделување се одржа во Мултикултурниот центар, а решенијата им ги врачи претседателката на ОИК – Кочани, Билјана Димовска Гичева.
Томе Солевски, Кристина Атанасова-Арсова, Тодорка Таковска, Мирче Стојков, Ивица Лазаров, Лазо Митев, Ивана Максимова, Перо Георгиевски, Венко Крстевски, Аки Акиов, Сања Атанасова, Душанка Горгиева-Трпевски, Марјанчо Стоименов, Иле Малинов, Васе Алексов, Жаклина Филипова-Свеќаровска, Весна Сенесова, Лидија Серафимова и Тоше Михајлов, во наредниот четиригодишен мандат ќе одлучуваат по прашања од јавен интерес од локално значење.
-На градоначалникот и новоизбраните членови на Советот на Општина Кочани им честитам за изборот и им посакувам плодна и успешна работа на сите, рече Билјана Димовска Гичева, претседателка на ОИК Кочани.
По завршување на доделувањето, советниците од новиот Совет пеш се упатија кон зградата на локалната самоуправа каде заднички се фотографираа, по што следеше и чинот на примопредавање на градоначалничката функција.
Од деветнаесетте нови советници петмина веќе седеле во советничките клупи, а осум членови на Советот на Општина Кочани се жени.
На овие Локални избори, коалициите „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и „Обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, освоија по осум мандати, а Движењето одлучно за промени предводено од политичките партии ЛДП и ДОМ, партијата Левица и Група избирачи Венко Крстевски освоија по еден советнички мандат.
И. Матеничарски