На пунктот на Општата болница со проширена дејност – Кочани од утрово започна имунизацијата на населението со вакцината на производителот АстраЗенека.
Од болницата во Кочани информираат дека вакцината први ја примаат лицата над 75 годишна возраст кои се пријавени преку матичен лекар. Дневно на пунктот е предвидено за почеток да се вакцинираат по 50 лица и засега има доволен број на вакцини.
Пунктот за вакцинација е отворен од 08 ч. до 14:30 ч. од понеделник до петок, а граѓани утринава ги примија првите дози од вакцината.
– Сметам дека сите вакцини се безбедни и тие се единствениот начин да се заштитиме од заразата. За вакцинација се пријавив преку матичниот лекар уште меѓу првите и само со вакцинација може да се спасиме од пандемијата – изјави 78 – годишниот Симеон Паунов.
Вакцините ги аплицираат обучен медицински пресонал од Општата болница во Кочани.
– Ги повикувам сите да дојдат и да се вакцинираат, верувам во квалитетот на вакцините, бидејки сите вакцини се безбедни. Јас сега се вакцинирав, се чуствувам одлично и ја очекувам ревакцинацијата со втората доза, – рече 81-годишниот Апостол Крчев.
Вакцинацијата продолжува и во наредните денови, а од Општата болница во Кочани информираат дека бројот на дневно вакцинирани ќе се зголемува.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов