Во Кочани започна наводнителната сезона, годинава ќе се наводнуваат 5 илјади хектари земјоделски култури

Водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани денеска ја пушти водата во каналите на хидросистемот со што официјално ја почна овогодинешната наводнителна сезона на оризот и другите култури во Кочанско.

Годинава од хидросистемот ќе се наводнуваат околу 4 илјади хектар под ориз и 1 илјада хектари други култури. Споредбено со лани земјоделските површини кои ќе се обработуваат се скоро идентични.

– Во местото С’злк денеска започна наводнувањето во катастарската општина Кочани. По успешното рачно и машинско чистење на вадите успешно е обезбедено наводнувањето на површините. Моментално за наводнување се користат проточните води од Зрновска Река, Осојница, Кочанска Река и Оризарска Река. Хидросистемот „Брегалница“ ќе биде пуштен во зависност од договор со водокорисниците, а засега ќе се наводнува од проточните води од реките. Катастарската општина Зрновци веќе доби вода од каналскиот систем уште во средата – истакна Благојчо Богатинов, в.д директор на АД „Брегалница“ – Кочани.

Од Водостопанската подружница „Брегалница“ информираа дека во моментот во брана Калиманци има акумулирано 114 милиони метри кубни вода што гарантира дека годинава ќе има успешна наводнителна сезона.

И. Матеничарски

Сподели: