Во Кочани започна 11. издание на Фестивалот на децата, книгите и музиката „Другарувањето со книгите ни е песна“

ЈОУ Библиотека „Искра“ започна со одбележување на Меѓународниот ден на литературата за деца преку реализација на Фестивалот на децата, книгите и музиката „Другарувањето со книгите ни е песна“.

На отворањето на фестивалот во салата на Мултикултурниот центар настапија учениците од СОУ „Љупчо Сантов“, ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Никола Карев“, ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и Јазичниот центар „Амичи“, а во продолжение на програмата беа промовирани две книги „Ута на планините“ и „Невидливата куќа“ од Билјана С. Црвенковска и Ване Костуранов.

Во просториите на библиотеката се одржа ликовна работилница „Книгите ни даваат крилја да се вивнуваме секој ден“ и Саем на книгата на издавачката куќа „Чудна шума“.

– Проект програмата славење на Меѓународниот ден на литературата за деца „Другарувањето со книгите ни е песна“, се реализира веќе 11 година, а како проект од национален интерес на Министерството за култура веќе шеста година по ред. Целта е да ги мотивираме најмладите да читаат книга и да другаруваат со неа од најмала возраст. Читањето книги ја развива креативноста, имагинацијата, писмените вештини и тоа придонесува зајакнување на информациската писменост и за истражување на библиотечните бази – истакна Магдалена Кочовска-Салтирова, координатор на програмата.

Програмската содржина на фестивалот ќе се исполнува во текот на целата недела преку промоции на книги, ликовни работилници, музичко-ритмички точки, едукативни работилници итн.

За утре, вторник на програмата на фестивалот е предвидена  Едукативна работилница – „Културното наследство низ детскиот книжен фонд“ на Илинка Атанасова како и промоција на книгата „Моите приказни“ од Киро Донев.

В четврток на 31 март,  Издавчката куќа „Антолог“ организира Саем на книгата. Стручно излагање за есенцијалните вредности на книжевноста за деца ќе има проф. д-р, Кристина Николова, а ќе биде промовирано и делото за деца, „Дете, тоа гордо звучи“ од проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска.

Манифестацијата за славење на Меѓународниот ден на литературата за деца се реализира со поддршка на Општина Кочани, Ротари – Клубот  Кочани – Виница и компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: