Во Кочани навреме стартуваше гласањето за претседател на државата – отворени сите избирачки места

Во Кочани утрово навремено се отворени сите 63 избирачки места, а гласањето се одвива мирно и без проблеми, информираа од Општинската изборна комисија (ОИК).

– Сите избирачки места се отворени навреме и нема поголеми задржувања на гласачите. Пријавени се мали проблеми со УВ апаратите, но брзо се надминати и се тече во најдобар ред, истакна за „Гласно“,  Билјана Димовска – Гичева, претседателка на ОИК – Кочани.

Во општина Кочани, на основниот избирачки список запишани се вкупно 28.027 гласачи како и 4389 гласачи на посебниот избирачки список на лица со привремен престој во странство.

Кочанчани денеска гласаат на 63 избирачки места, одоносно на 59 локации со оглед што на четири места се запишани помалку од десет избирачи кои правото на глас го остваруваат во соседното најблиско избирачко место.

Од Општинската изборна комисија ги информираат гласачите дека избирачкото место 0832 што беше лоцирано во објект на ул. „Димитар Влахов“, М.З „Страшо Ербапче“ е префлено во училница во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Кочани.

На ниво на Р. Македонија за седмите претседателски избори во избирачкиот список се запишани 1.814.317 граѓани со право на глас.

И. Матеничарски

Сподели: