Снежна покривка од 24 сантиметри се формираше во Кочани, по врнежите од снег што вчера и во текот на ноќта го зафатија Кочанскиот регион.
Главните сообраќајници во Кочани од утрово се проодни. Сообраќајот се одвива во зимски услови со остатоци од кашест снег на улиците.
Механизација на КЈП „Водовод“ – Кочани 24 часа е на терен, интервенирајки на улиците во градот.Службите на „Водовод“ употребуваат сол и песок за да ја олеснат проодноста на сообраќајниците.
Одговорните предупредуваат дека ниските температури создаваат голомразица, поради што на високите делови во градот движењето со возила е тешко и небезбедно.
„Улиците во централното градско подрачје се проодни. Службите на КЈП „Водовод“ работат на високите делови од градот, на „Скопска“, „Охридска“, „Роза Петрова“, кон „АСНОМ“, а дежурни екипи го расчистуваат снегот и пошироко, на другите делови во градот.Се расчистуваат и пешачките мостови и тротоарите.Потребно е сите учесници во сообраќајот да се движат внимателно“, информираат од Општина Кочани.
Од ЈП „Македонија пат“ секција – Кочани информираат дека патниот правец кон СРЦ „Пониква“ е прооден.
Делницата е посолена, а се препорачува употреба на задолжителна зимска опрема. Механизацијата е на терен и ја одржува проодноста на патниот правец.