Во Кочани напладне санкциониран возач со над 2 промили алкохол во крвта, полицијата врши засилени контроли

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден и денес спроведува засилени акциски контроли на територијата на Кочани за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.

При акциската контрола во областа на сообраќајот санкционирани се 129 возачи.

Од нив 53 возеле со брзина поголема од дозволената, осум без возачка дозвола, шест за возење под дејство на алкохол, 17 нерегистрирани возила, а санкционирани се и 10 неисправни возила што вршат јавен превоз од вкупно 19 колку што се упатени на вонреден технички преглед. Вчера во текот на пладневните часови во Кочани регистриран е и санкциониран возач со над 2,00 промили алкохол во крвта, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски во изјава за медиумите.

– Во ноември 2020 споредено со ноември 2019 имавме намалување од 21 отсто, а кога ќе ги споредиме декември 2020 со декември 2019 имаме намалување од 23 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата, рече Ангеловски.

Засилените сообраќајни контроли, посочи тој, продолжуваат и во наредните денови, упатувајќи апел граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи се со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Видео изјава може да погледнете со клик ОВДЕ.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial