По повод Светскиот ден на белиот стап, Здружението на слепи и слабовидни лица од Кочани организираше работилница со членовите на здружението, на која освен меѓусебна дружба за одбележување на денот на слепите лица, беа презентирани и технички помагала кои ги користат лицата во нивното секојдневно функцонирање.
-Денеска традиционално го одбележуваме 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап, симболот на слепите лица. По тој повод организиравме работилница со дел од членовите на здружението и презентација на технички помагала кои ги користат слепите лица. Овој ден е можност и да истакнеме дека за жал се уште се соочуваме со инфраструктурни бариери во делот на тротоарите, пристапните рампи, скали и недостатокот на дактилни патека на јавните површини во Кочани за полесно движење на слепите лица. Апелирам да се обрати внимание на сите овие проблеми и бариери со кои се соочуваат слепите лица. Овој ден е потсетник за тоа во какви услови живеат лицата и какво е нивното секојдневие, Тоше Илиев, претседател на Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани
Илиев ја истакна поддршката на Националниот сојуз на слепи лица на Р. Македонија во однос на опремувањето со технички средства и поддршката која ја даваат на локалните здруженија на слепи лица низ државата.
Мисијата на 15 октомври, Меѓународниот ден на Белиот стап – Симболот на слепиот човек, признат од Организацијата на Обединетите Нации (ООН) е да му покаже на светот дека и со слепилото се може, да покаже како слепите и слабовидните лица ширум светот живеат, работат, и независно придонесуваат за својата заедница.
Националниот сојуз на слепите на Република Македонија е единствен легитимен претставник на повеќе од 2500 слепи и слабовидни лица од целата територија на државата, и е единствена чадор – национална инвалидска организација која застапува правата на лицата со целосно или делумно оштетен вид во Република Македонија преку своите 17 општински и меѓуопштински здруженија на слепи лица.
И. Матеничарски