Во Кочани одбележан 3. Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претставници на локалната самоуправа и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Кочани ги посетија децата згрижени во Дневниот центар за згрижување на деца со попреченост и посебната паралелка во ООУ „Малина Попиванова“.

Пркеу посетата се истакна поддршката на Општината и институциите во инклузија на децата со посебни потреби во општеството и образованието и нивно вклучување во секојдневното живеење како маргинализирана група.

– Сакам да ја изразам поддршката на локалната самоуправа. По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост поделивме симболични подароци на децата згрижени во Дневниот центар и ООУ „Малина Попиванова“. Општина Кочани ќе прави напори за суштинска, редовна и квалитетна поддршка на лицата со попреченост. Ја користам приликата да ја поздравам и истакнам посветеност, поддршката, благородната и хумана работа што ја работат вработените во Дневниот центар за лица со попреченост и ООУ „Малина Попиванова“, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

Градоначалникот Папазов најави дека Општина Кочани е вклучена во проект за мапирање на лица со попреченост во средината, иницијатива во надлежност на ЗЕЛС, финансирана од меѓународни средства со цел создавање на поквалитетни животни услови на овие категории лица.

-На овој ден, потсетуваме и алармираме, инклузивноста на овие лица е најбитна во општеството и во текот на целата година да искажуваме грижа, ние како институции кои сме задолжени од јавен карактер. Во Центарот во Кочани кој е отворен во 2018 година се згрижени  8 лица со попреченост и апелирам до сите заинтересирани, нивните деца да го посетуваат овој центар, да аплицираат во Центарот за социјални работи како би можеле да излеземе во пресрет и на други лица кои се заинтересирани да ги користат овие социјални услуги, истакна Кирил Ковачев, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Кочани.

По повод одбележување на денот, децата во посебната паралелка во ООУ „Малина Попиванова“ организираа ликовен и литературен конкурс инспирирани од најразлични теми од секојдневното живеење на лицата со попреченост.

-За овие лица треба да се грижими секој ден и да помагаме. Да ги инклузираме во општеството и секогаш да бидеме во нивна служба и корист за успешно вклучување во целокупниот живот во општесвото, рече Благој Петров, директор на ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секоја година, како ден преку кој се истакнуваат потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.

И. Матеничарски

*фотографиите се со дозвола од родителите

Сподели: