На вакциналниот пункт во Кочани од понеделникот започна имунизацијата на населението со трета доза од вакцините за заштита од Ковид-19.
Трета доза од вакцината може да примаат сите граѓани кои се изложени на ризик од зараза на своето работно место, без разлика на возраста. Комисијата за имунизација предложи да се прошират категориите на граѓани кои што ќе можат дополнително да се имунизираат. Па така,покрај лицата над 60 години, здравствените работници и оние со хронични болести, веќе трета доза ќе можат да примат сите оние коишто сметаат дека се изложени на ризик од зараза.
-На вакциналниот пункт во Кочани од понеделникот започна аплицирањето на трета доза од вакцините против Ковид-19, за лицата кои сметаат дека се изложени на ризик од зараза. Вакциналниот пункт е отворен и има доволно вакцини за сите кои сакаат да се имунизираат и да примаат трета доза. Интересот за вакцинацијата на населението со прва доза е значително намален, додека ревакцинацијата си тече нормално, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност – Кочани.
Како што соопштија од Министерството за здравство, трета доза може да се прими најмалку шест месеци од примената втора доза. По истекот на тој период, граѓаните ќе добиваат СМС-порака и ќе може да се вакцинираат по трет пат.
Во моментот во Кочани има 159 активни случаи на заразени со Ковид-19, а само во вчерашниот, последен извештај регистрирани се 15 нови случаи на заразени. Во Ковид одделението на кочанската Општа болница хоспитализирани се 10 пациенти, од кои 6 се на кислородна поддшрка. Хоспитализациите на пациенти со ковид периодов се намалени, додадоа од болницата во Кочани.
И. Матеничарски
Фотo: A. Арсов