Во Кочани почна гласањето на локалните избори, навремено отворени сите избирачки места

Од Општинската изборна комисија Кочани информираат дека сите избирачки места во Кочани се отворени точно во 07 ч. Освен мали проблеми со уредите за биометриска идентификација (отпечаток од прст) на гласачите кои се употребуваат за прв пат на овие избори, генерално гласањето тече во најдобар ред.

Денеска се гласа на 63 избирачки места, односно на 60 локации во градот и населените места, под посебни здравствени протоколи за заштита од Ковид-19. Гласачките места ќе бидат отворени до 19 ч. Процесот на гласање го следат акредитирани домашни и странски набљудувачки мисии, како и претставници на политичките партии и подносители на листи.

Граѓаните на Кочани денеска бираат помеѓу двајца кандидати за градоначалник и 5 советнички листи за избор на 19 членови во Советот на Општина Кочани. Право на глас имаат 32.972 регистрирани гласачи.

Интернет-порталот „Гласно“  во текот на изборнитот ден ќе информира за процесот на гласање, излезноста и резултатите од Локалните избори во Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: