Во кругот на Територијалната противпожарна единица – Кочани денеска беше претставена иницијативата за формирање на Доброволно противпожарно друштво во Кочани.
Поучени од големите шумски пожари што на почетокот на август го зафатија Кочани, формирањето на вакво доброволно друштво се покажа како потреба и истото ќе биде поддршка на редовните пожарникари за време на поголеми катастрофи како што се пожари и поплави.
-Ова е старо нова идеа, поодамна договарана, од наша страна, од страна на градоначалникот, сега овие денови стапивме контакт со нашиот сограѓанин Златко Илијев кој изрази желба и голема волја за да го формира доброволното друштво и во тој дел го поддржуваме ние како Противпожарна единица. Следува периодот за регистрација на доброволното друштво, а потоа ќе настапи и јавен повик за повикување на волонтери. По јавниот повик за волонтери ќе стапи периодот за обука на волонтерите и се надеваме дека ќе се пријават поголем број волонтери за да се оствари оваа мисија, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ- Кочани.
Формирањето на Доброволното противпожарно друштво е идеја од подамна, а нејзината реализација се јави како потреба по големите пожари во Кочанскиот регион.
-Идејата ми дојде веднаш наредниот ден после пожарите и ме понесе од тоа што го видов на терен дека многу млади луѓе дојдоа да помогнат, меѓутоа не беа соодветно обучени, но безразлика факт е дека беа од голема помош. Со формирањето на Доброволно противпожарно друштво сакаме сите што имаат намера да се вклучат да бидат обучени и кога ќе има потреба да бидат од помош и професионално да ја завршат задачата без да имаме повредени, истакна Златко Илијев, волонтер во идното Доброволното противпожарно друштво.
Според планот, потребно е да се подготви потребната документација за правна регистрација на Доброволното противпожарно друштво, при што ќе се пристапи кон селекција на кандидатите – доброволци преку јавен повик , нивна обука и опремување.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ја поздрави идејата за формирање на доброволното друштво, при што истакна дека локалната самоуправа ќе ја даде потребната поддршка за реализација на иницијативата. Притоа истакна дека потребата за формирање на доброволно противпожарно друштво ќе биде од голема корист како за ТППЕ – Кочани така и за општината.
И. Матеничарски