Во Кочани прва летна регионална берза на винили

Во рамки на Летната културна програма на Кочани денеска во Градскиот парк од 11 ч. до  17 ч. се одржува првата летна регионална берза на винили.

На берзата се изложени разновидни грамофонски плочи на 15 домашни и странски изложувачи, од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија и Македонија. Љубителите на грамофонски плочи имаат можност да купат или разменат од големиот избор на изложувачите.

-Се работи за еден мултимедијален настан што ја промовира урбаната култура, со тенденција Кочани да го врати своето место што некогаш го имаше на тој план. Ова е прва регионална летна берза на плочи кај нас, со оглед што досега имаше три зимски варијанти во Скопје. Дел од продавачите на винили се и диџеи и на сцената пуштаат различни музички жанрови. Целта е многу почесто да се одржуваат вакви настани, како што синоќа членовите на бендот Суперхикс одржаа еден одличен концерт, што беше прв за нив, но и за Кочани по еден подолг период поради здравствената криза. Тоа покажува дека во градот и во регионот има луѓе на кои им се потребни урбани културни доживувања, истакна Тошо Филиповски од Македонски Рок Архив.

По два вакви настани што се одржаа на платото пред МКЦ во Скопје, ова е прв обид сличен настан да се одржи и во други гардови во земјава.

Настанот е  проследен со настапи на регионални и локлани диџеи и артисти и е поддржан од Локалната самоуправа на Општина Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: