По повод одбележување на 29 Октомври, Светскиот ден за борба против мозочен удар, Здружението на невролози на Република Македонија спроведе бесплатни превентивни здравствени прегледи на населението во Кочани.
На медицинскиот пункт во кругот на Општата болница со проширена дејност – Кочани на заинтересираните граѓани им беше мерен крвниот притисок, гликемијата и холестеролот во крвта кои се најгоеми ризик фактори за настанување на состојба на мозочен удар.
– На медицинскиот пункт граѓаните освен лекарските прегледи преку мерење на крвен притисок, гликемија и холестерол, пациентите се запознаваат и со ризик факторите и симптомите кои се појавуваат пред настанување на состојба на мозочен удар. Здравствените прегледи имаат цел да превенираат можен мозочен удар. Воедно, на пациентите им даваме лекарски совети за заштита од мозочен удар – истакна Д-р Кристина Серафимова, доктор – невролог во кочанската болница.
Лекарските прегледи ги спроведуваа Д-р Маја Шоповска Китанова и Д-р Кристина Серафимова со поддршка на екипа од Невролошкиот тим на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани.
Освен во Кочани, Здружението на невролози на Р. Македонија превентивни здравствени прегеди денеска спроведува и во Тетово и Скопје.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов