Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје и Организаијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) денеска на опитните полиња во кругот на Земјоделскиот институт во Кочани ги презентираа реализираните активности за производство на квалитетен семенски материјал за грав и пиперка со поголема отпорност на климатските промени.
Презентацијата е во рамки на регионалениот проект на ФАО за Техничка соработка насловен „Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени’’
–Овој проект е од исклучително значење за македонското земјоделство и има за цел да го поддржи развојот на системите за семе прилагодени на климатските промени. Фокусот на проектот е насочен кон квалитетно семепроизводство за три земјоделски култури, грав, пиперка и житни култури преку поставување на демонстративни опити во два региони за секоја култура. Целта на овие активности е да се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени, истакна заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Во рамки на проектот беа организирани бесплатни обуки за 45 индивидуални земјоделски стопанства, претставници од здруженија на земјоделци и земјоделски правни субјекти, на кои им беа доделени признанија за успешната соработка.
Целта на обуките беше да им се помогне на земјоделците да научат како да го прилагодат производството на климатските промени и да остварат оптимални приноси преку производство на квалитетен семенски материјал.
И. Матеничарки