Во Кочани промовирано делото „Математичка поезија“ од проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска

Во организација на ЈУ Бибилотека „Искра“, а во рамки на годинашнава летна културна програма, денеска во Кочани беше промовирано делото „Математичка поезија“, на авторката проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Делото „Математичка поезија“ е добитник на наградата „Ацо Шопов“ што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија за најдобра книга за 2020 година. Книгата е составена од  деведесет песни, распоредени во дванаесет циклуси во издаваштво на Центарот за култура и културолошки студии – Скопје.

-„Математичка поезија“ е објавена во 2020 година. Делото ја доби наградата за најдобра книга од Друштвото на писатели на Македонија, насловена „Ацо Шопов“. Книгата е напишана 2017/2018 година, но по подолг временски период истата излезе од печат. „Математичка поезија“ е всушност една топла приказна за животот, за човекот, за нас самите, за Адам и Ева во нас, затоа како сме се развивале во текот на нашата индивидуална реализација како луѓе и личности, но и за онтогенетскиот развој на човекот, почнувајќи од настанувањето на човештвото, па се до индивидуална реализација на нас самите, истакна авторката проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Книгата „Математичка поезија“ е осмо дело поезија на Андоновска-Трајковска, а истата е автор и на две стручни литератури од областа на образованието.

Модератор на настанот беше Кристина Ѓорѓиевска-Атанасова, а делото го промовираа проф. Љубинка Донева и Борче Панов.

И. Матеничарски

Сподели: