Во Кочани промовиран проектот за грижа и нега на стари лица во домашни услови

Во општина Кочани денеска беше извршена промоција на проектот за грижа и нега на стари лица во домашни услови „Подвижност“, имплементиран од страна на Министерството за труд и социјална политика, локалната самоуправа на Кочани и општинскиот Црвен крст.

На промоцијата присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов и претставници на општинскиот Црвен крст кои остварија средба со дел од обучените негователи, а ги посетија домовите и на две кориснички на услугите од проектот.

– Преку услугата помош и нега во домот, на старите лица им е овозможена грижа од неговател кој им помага во секојдневните обврски во домот, да се грижат за нивното здравје и рутинските медицинки прегледи, односно за се што им е потребно во нивното функционирање. Освен главна цел за подобрување на животот на корисниците на услугата, проектот помага и на вклучените негователи кои за нивната улога добиваат месечен надоместок, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Министерството за труд и социјална политика преку проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска Банка поддржува 22 проекти во 27 општини во кои се реализираат услуги за помош и нега во домот за старите лица.

– Грижата за ранливите категории на население најдобро се спроведува на локално ниво бидејки најдобро ги познаваме нивните потреби и социјалните  специфичности. Како локална самоуправа целосно сме посветени во поддршка на активностите за ранливите категории како што се старите лица. Упатувам благодарност до општинскиот Црвен крст – Кочани за посветеноста во реализација на проектот „Подвижност“ на локално ниво, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

Преку проектот „Подвижност“ обучени се 16 негователи кои даваат нега на стари лица од општините Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево. 

– Вкупно досега издадени се 31 решение на корисници, стари лица,  од кои најмногу 25 во Кочани, во Чешиново – Облешево 4 и две решенија во Зрновци. Динамиката за решавање на поднесените барања се одвива непречено. Стручни тимови од Центарот за социјални работи постојано се на терен, ја разгледуваат документацијата, прават увид и проценка на семејството и донесуваат одлука. Соработката продолжува со засилено темпо и успешен интензитет, истакна Кирил Ковачев, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Кочани.

Проектот се имплементира со финансиска поддршка од Светска Банка, а носител на лиценцата за услугата е општинската организација на Црвен крст – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: