Шаховскиот клуб „Кочани“ денеска го реализираше вториот Меморијален турнир во шах во знак на сеќавање на еден од најголемите шахисти, кочанчанецот Тодор Милосиев – Тошо.
Во просториите на ШК „Кочани“ се натпреваруваа 25 шахисти од Кочани, Чешиново – Облешево, Македонска Каменица и Свети Николе од најразлични возрасти кои одиграа меѓусебни шаховски партии во чест на нивниот учител Милосиев.
Се одиграа вкупно 7 кола по 10 минути, по швајцарски систем на натпреварување во детска, младинска и сениорска конкуренција. На турнирот кој имаше натпреварувачки карактер беа доделени пехари за освоено прво, второ и третто место како и награди за освоено место.
Во сениорска конкуренција победничкиот пехар го освои искусниот Гоце Георгиев, а кај младите до 18 години најдобар беше Леон Стефанов. Првото место со ист број бодови во детска конкуренција до 10-годишнa возраст го поделија Матеј Диванисов и Андреј Јовановски. Во женска конкуренција во младинска конкуренција победи Јована Давиткова, која е четирикратна државна првенка и учесничка на Европското и на Светското првенство во шах. Освен признанијата, победниците добија и подароци, а на младинците им беа врачени и парични награди.
Наградите на најуспешните на турнирот лично ги врачи ќерката на Милосиев, Марија Георгиева која воедно ја искористи приликата да се заблагодари на организаторите за негувањето на споменот за нејзиниот татко како и на Општина Кочани за поддршката во реализација на турнирот.
И. Матеничарски