Над 230 учесници се натпреваруваа на урбаната трка „Rotary Run“, што во организација на Ротари клубот Кочани – Виница за прв пат се одржа низ централните улици во Кочани.
Трката започна од пред Центарот за култура „Бели Мугри“ од каде на кружна патека низ улиците„Кеј на револуција“, „Борис Трајковски“, „Гоце Делчев“ и дел од „Маршал Тито“ натпреварувачите трчаа на патека од 5 и 10 километри.
– На трката учествуваат над 230 учесници, во машка, женска конкуренција и ветерани над 45 години. Тие се натпреваруваат на 5 и на 10 километри на кружна патека. Натпреварувачите се од Кочани и Македонија, а на трката учествуваат и репрезентативци од Македонската атлетска репрезентација. Како Ротари клуб ќе се залагаме денешниот настан кој за прв пат се организира во Кочани да прерасне во традиција, истакна Андон Гушков, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.
Секој учесник на трката доби медал за учество, додека победниците во трите категории плакета. Најдобрите тројца натпреварувачи на трката 10 километри во машка и женска конкуренција добија по 6000, 3000 и 2000 денари за освоено место. Средствата собрани од котизацијата за учество ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Урбаната трка има за цел да промовира здрав начин на живот, зачувување на животната средина и промоција на трчањето како здрав спорт.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов