Во Кочани се одржа работилница за препознавање на рани фази на зависност од марихуана и синтетички дроги

Во организација на невладината организација Двојна надеж денес во Мултикултурниот центар во Кочани се одржа работилница  за запознавање и утврдување на превентивни  протоколи за препознавање на рани фази на зависност од марихуана и синтетички дроги кај младите лица.

Работилницата е во рамки на проектот „Градење на еластични заедници на пролиферација на марихуана и синтетички дроги во училиштата“ што се реализира преку Глобалната иницијатива против организираниот криминал (GIATC) на која присуствуваа претставници од воспитно-образовните институции од Кочани.

-Проектот има за цел како да се превенира и да се влијае за заштитат младите од употребата на дрогата, конкретно на марихуаната и синтетичките дроги. Статистиката покажува дека употребата на дроги во последно време е се почеста и присутна кај младите при што и  возрасната граница се намалува. Проектот се одвива во повеќе етапи за да се анимира локалната заедница и да се подигне свеста за меѓусебна соработка помеѓу  училиштата, центрите за социјални работи и за јавно здравје и локалната полиција, рече Надица Петрова, претседател на здружението Двојна надеж – Штип

Проектот се спроведува во четири општини во државата, меѓу кои Кочани, Штип, Свети Николе и Велес преку кој ќе се изработат протоколи за рано откривање и превенција на користењето на марихуаната и синтетичките дроги од младата популација.

-Идејата е и да ги анимираме локалните капацитети со цел да создадеме отпорна заедница на дрога, како и да ги идентификуваме причините за заканите кои доаѓаат од употребата на синтетичките дроги и марихуаната. Конкретно овие дроги се најдостапни кај младите и создаваат голема заблуда кај нив, а од она што досега го имаме сработено можам да кажам дека податоците се фрапантни, бидејки границите за употреба се значително смалени на девет и десет годишни деца, истакна Методи Хаџи-Јанев, професор по организиран криминал и корупција при УГД.

На работилницата обраќање имаше и градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов кој ја истакна поддршката на локалната самоуправа во борбата против зголемената употреба на дрога.

И. Матеничарски

Сподели: