Во Кочани се одржа Розова прошетка за поддршка на болните од рак на дојка

Кочани е еден од 14-те градови во Македонија кој денеска беше домаќин на годинашнава Розова прошетка, во организација на локалниот огранок на Здружението „Борка-за секој нов ден“ од Кочани.

Под мотото „Трка за лек“, поддржувачи на кампањата на „Борка“ прошетаа низ кочанските улици, со што изразија  поддршка на сите болни од рак на дојка, но и упатија апел за редовни лекарски контроли и грижа за сопственото здравје.

 Пред почетокот на прошетката, на летната сцена при НУЦК„Бели мугри“ локалната координаторка на Здружението „Борка“ од Кочани, Валентина Андонова ги поздрави присутните и им се заблагодари за учеството на прошетка.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ја истакна поддршката на локалната самоуправа за денешниот настан, но упати и јасна порака за важноста на раното откривање и превенција на ракот на дојката.

Докторката Драгана Могилевска Груевска како дел од локалниот огранок на здружението „Борка“, зборуваше за задолжителните скрининзи, систематски и редовни прегледи кај докторите, кои се важни за раното откривање на болеста.

Розовата прошетка во Кочани се организираше со поддршка од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: