Во Мултикултурниот центар вчера се одржа завршниот настан од проектот „Од имагинација до креација“ на кој беа изведени шест театарски претстави – Театар на сенки подготвени од деца на возраст од 7 до 12 години од Кочани.
Станува збор за создадени приказни со театарски кукли/фигури пред светлото, позади белото платно, кои се движат како сенки.
Театарските претстави беа создавани во текот на изминативе два месеци, преку работилници и активности за запознавање на децата со техниката на работа со сенки.
– Целта на проектот е збогатување на културната програма за деца во помалите места. Работевме во повеќе фази за создавање на театара на сенки. Вкупно учествуваа 27 деца, со кои во текот на месец мај и јуни работевме на создавање на театарски претстави со техника – Театар на сенки. Децата поделени во групи, имаа можност да работат на пишување приказни, креирање ликови и кукли, работа со светло музика и интерпретацијам, при што се создадоа шест различни театарски претстави со сенки, во целосна нивна креација – истакна Нина Максимова, професионален актер и учесник во проектот.
Работилниците се реализираа со поддршка на актерите Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова.
Организаторите на настанот истакнаа дека се задоволни од сработеното и соработката со децата – учесници кои за прв пат се сретнаа со театарот на сенки.
Караванот на проектот продолжува од месец септември во Виница. Проектот е поддржан од страна на Министерството за култура на Р. Македонија.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов