На првиот ден од пописот на населението во Македонија попишани се вкупно 94975 лица, 28.594 домаќинства и 37.544 станови, информираат од Државниот завод за статистика.
Во Кочани пописот на населението тече во најдобар ред, на терен се 104 реонски попишувачи, 11 реонски инструктори и тројца државни инструктори. Во Пописниот реон 13 во кој спаѓа и општина Кочани, се и општините Чешиново-Облешево и Зрновци.
-Првиот ден од пописот помина без проблеми и слободно можам да кажам дека имавме успешен ден. Граѓаните најчесто се запознаени со постапката за попишување и ги прифаќаат попишувачите. Пописот ќе трае до 30 септември, а попишувачите секојдневно во периодот од 08 ч. до 20 ч. ќе бидат на терен, истакна Александар Јосифов, претседател на Пописниот реон 13.
Од Државниот завод за статистика апелираат до населението при посета од страна на попишувачите задолжително да ги легитимираат и да им побараат овластување со потпис и печат од Државниот завод за статистика и лична карта на попишувачот.
Покрај државјаните што се присутни во земјата за време на пописот и кај кои попишувачите ќе користат компјутер и посебна апликација, продолжува онлајн самопопишувањето и за државјаните кои не се резидентни. Се работи за лица што имаат дозвола за престој во Македонија и се нејзини државјани, а за време на пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или некоја друга причина.
И. Матеничарски