Во Кочани ќе се реализираат работилници за деца „Театар на сенки“ – пријавувањето за учество е во тек

Отворен е јавен повик за учество во театарски работилници за деца под наслов Театар на сенки. На работилниците може да учествуваат деца на возраст од 7 до 12 години, а пријавувањето е најдоцна до 6 мај 2022 година.

Работилниците започнуваат на 07 мај, сабота, и ќе се одржуваат секоја сабота во текот на месец мај и дел од месец јуни во Мултикултурниот центар во Кочани од 17 до 19 ч.

– Театарот на сенки е мистична театарска форма која потекнува од Индија, Тајланд па преку Турција доаѓа и до кај нас. Станува збор за создавање приказни со театарски кукли/фигури пред светлото, позади белото платно, кои се движат како сенки. Овој начин на театарски израз нуди бесконечни можности на креација и игра со форма и боја, како и создавање ликови и приказни и е загарантирана забава за секоја генерација. Поентата на овие работилници е децата да стекнат неколку нови знаења и вештини, настрана од формалното образование, на креативен и забавен начин. Преку начинот на работа во група и социјализација, да се запознаат со целиот процес на создавање театарска претстава со сенки, и самите да бидат креатори на сите чекори во создавање на истата. Ќе имаат можност да работат на создавање приказна/драмски текст, креирање ликови, работа на визуелен приказ на ликовите преку цртање и моделирање, работа со светло и филтри, изведување на театарска претстава со сенки, како и актерска креација на ликовите и нивна интерпретација. Со ова, децата ќе се стекнат со нови вештини: подобра самодоверба, правоговор и вежбање на литературен јазик, креативно изразување, ослободување од трема, збогатување на личниот вокабулар, когнитивен и физички развој, ослободување на фантазијата и имагинацијата и нивна реализација во креативен производ – додадоа организаторите.

Работилниците ќе ги раководат дипломирани актери – Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова.

За пријавување јавете се или напишете смс/вибер порака со информарции за

Вашето дете (име и презиме и возраст) на следните телефонски броеви:

078/832-595, 076/526-257

Сподели: