Во спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“ во Кочани денеска се одржа 24. издание на Меморијалниот меѓународен турнир во борење „Легендите на Спартак“.
Стотина натпреварувачи од клубови од Р. Македонија, но и Р.Бугарија, Р. Албанија и Р.Косово се натпреваруваа во десет категории на машка и две во женска конкуренција во слободен стил.
– Како домаќини на 24 издание на Меморијалниот меѓународен турнир „Легендите на Спартак“ ставаме акцент на младите категории. БК „Спартак“ на турнирот настапи со 15 борачи, додека вкупната бројка на учесници е околу 100. На турнирот се доделија благодарници и пофалници на истакнати личности кои дале придонес за кочанскиот боречки клуб и тоа ќе продолжи во континуитет на следните турнири. Доделуваме пехари за најдобар домашен борач, најдобар техничар и странски борач на турнирот како и медали на секоја тежинска категорија прва, втора и трета награда за борачите, истакна Иван Јанев, тренер во БК „Спартак“ – Кочани.
Во рамки на турнирот беа доделени плакети на истакнати имиња во БК „Спартак“ меѓу кои, Благој Алексов, долгогодишен тренер на „Спартак“ и државен шампион во Југославија, Јорданчо Јанев, поранешен тренер на „Спартак“ и државен шампион во Југославија, учесник на повеќе меѓународни првенства, Владо Ангелов, спортски работник и долгогодишен тренер на кочанскиот боречки клуб, Гоце Ангелов, боречки судија од Кочани во слободен и грчко-римски стил.
Постхумно, БК „Спартак“ додели плакета и на кочанецот Насе Насев, македонски борач, тренер на БК „Спартак“ и долгогодишен селектор на македонската репрезентација во борење – слободен стил и директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Во негова чест плакетата ја прими неговиот внук, Насе Насев.
Меморијалниот турнир се одржува во спомен на сите борачи на „Спартак“ кои низ годините дале свој придонес во промоција на борењето во Кочани и пошироко.
И. Матеничарски