Со зголемување на бројот на дневно позитивни случаи на корона вирус во Кочани, се зголемува и бројот на лица кои се во изолација и самоизолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Од Одделението за внатрешни работи Кочани информираат дека моментално под здравствен надзор се контролираат 403 лица од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, но овој број варира на дневно ниво. Оттаму додаваат дека во најголем дел од случаите се почитуваат изречените мерки, додека во одредени случаи за непочитување се поднесува соодветна пријава до обвинителството.
Директорот на Центарот за јавно здравје, Гоце Серафимов информираше дека на дневно ниво во пунктот на Центарот се земаат во просек по 60 брисеви на лица од Кочани и поширокиот регион. Од нив, дваесет брисеви се закажуваат преку системот на Мој термин, а во целиот процес на земање брис за ковид-19 вклучени се дваесетина вработени во Центарот за јавно здравје Кочани.
Според последните податоци на Министерството за здравство во моментот во Кочани има 278 активни случаи на заразени со корона вирус, а во вчерашниот извештај регистрирани се 3 нови лица.
И. Матеничарски