Во НУЦК „Бели Мугри“ отворена изложбата „Арт варијации – Стари Поток 2021“

Во Фоајето 1 на Центарот за култура „Бели Мугри“ вечерва беше отворена изложбата на дела „Арт варијации – Стари Поток 2021“, во организација на  Здружението за култура, општествени дејности и наука „Стари Поток“ од Кочани.

На изложбата која ќе биде отворена во следните две недели, поставени се  11 уметнички дела, насликани од исто толкав број  уметници  од Скопје, Куманово, Виница, Зрновци и Кочани.

-Вечерва е свеченото отворањена изложбата на дела од ликовниот перформанс „Арт варијации – Стари Поток 2021“ што се одржа  на 9 јули  во Кочани. Поставени се  дела на уметниците Елизабета Зафирова Стојанова од Кочани, Мики Трендафиловски, Александар Стефановски, Дејвид Стоилковски и Дарко Трајковски од Куманово, Сточје Тоциновски и Еми Тоциновска од Скопје, Благица Стојановска од Виница и Слаџана Гаврилова, Нина Савева и Марио Дејанов од Зрновци. Ликовните уметници создаваа на слободна тема, секој според инспирациите коишто ги добил. Како што може да се забележи сликите се создавани по кочански мотиви што како организатор посебно не радува, истакна Љупка Стојменова, претседател на здружението „Стари Поток“ Кочани

Повеќе детали за начинот на изработка, техниките и мотивите на уметничките дела даде професорката по ликовна уметност, Елизабета Зафирова Стојанова која и самата беше дел од ликовниот перформанс.

Изложбата на дела од ликовната колонија „Арт варијации – Стари Поток 2021“ е во рамки на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз 2021.

И. Матеничарски

Сподели: