Во НУЦК „Бели Мугри“ премиерно одиграна претставата „Тунел“

Во преполната сала на НУЦК „Бели Мугри“ вечерва во Кочани премиерно беше одиграна театарската претстава „Тунел“.

Претставата која имаше донаторски карактер се реализираше под покровителство на Ротари Клуб Кочани-Виница во соработка со Општина Кочани, Фондацијата за регионален развој – Штип и Ротари клуб Штип, и истата е зародиш на проект кој треба да вроди со оформување на Драмска академија во Кочани.

– По својата премиера,  претстава ќе биде и единствен претставник на нашиот град на јубилејниот 60 – ти Драмски Аматерски Фестивал на кој нашиот град е домаќин. Преставата има Донаторски карактер и сите собрани средства од истата ќе бидат употребени за оформување на Драмската аматерска академија во нашиот град која треба да продуцира идни актери во Кочани и Виница. Идејата е професионалци да работат со младите таленти и успешно да изградат свои колеги, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб „Кочани – Виница“.

Претставата е во режија на Кристина Атанасова Арсова, инспициент Зорица Митева и театарска игра на талентирани глумци аматери од Кочани, Анастасија Михаилова, Љупка Јорданова, Надалина Грозданова, Кристијан Арсов, Бранко Јорданов, Драгана Анастасовска, Иван Арсов, Маја Петрова, Лина Крстова, Матеј Беличев и Благица Иванова.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: