Во општина Чешиново-Облешево од денеска па во наредните денови е поставена мобилната амбуланта во која се нудат бесплатни гинеколошки прегледи за жените од населените места од оваа општина. Мобилната амбуланта е сместена во Облешево во дворот на постоечката амбулантата, а целта е преку медицински прегледи да се превенира рак на грлото на матката.
– Ги известуваме сите жени на територијата на Чешиново-Облешево, кои сакаат да извршат бесплатен гинеколошки тест, вклучувајќи и ПАП тест, да се обратат и да се пријават кај нас или на тел број 071 246-670 и 078 306-049 за закажување на термин. Термините започнуваат од 21.02.2022 година од 09:30 до 13:00 часот. За бесплатен ПАП тест заинтересираните можат да се пријават на телефонските броеви на Црвениот крст, а термините за преглед се секој работен ден со почеток од 09:30 часот., соопштија од Црвениот крст.
Со работата на мобилната амбуланта треба да се зголеми бројот на жени од ранливите групи и од руралните и оддалечените места кои ќе направат бесплатни гинеколошки прегледи и да се подигне свеста за важноста од редовни скрининзи. Прегледите се најдобра заштита од рак на грлото на матката. Контролите ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и повеќе болници во државата.
Работата на мобилните амбуланти е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари –МАГО,Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации и Општината Чешиново-Облешево.