Во ООУ „Малина Попиванова“ – работилница за вело-едукација на учениците

Запознавање со велосипедот како превозно средство, неговата функционалност, еколошка страна и обука за одржување беше тема на денешната велосипедска работилница што се спроведе во ООУ „Малина Попиванова“.

Настанот се организираше во соработка со здружението на граѓани „Еко Логик“ од Скопје, во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, при што ученици од училиштата од Кочани, на работилницата  се едуцираа за велосипедизмот, безбедноста во сообраќајот, играа вело-игри и цртаа во рамки на вело-конкурсот „Велосипедот од моите соништа“

-Целта на денешната работилница е да ги едуцираме младите на тема велосипедизам, велосипедски делови, рачни сигнали и безбедност во сообраќај. Другиот дел од настанот е едукација на тема животна средина и климатски промени, со тоа што подготвивме неколку интересни експерименти за младите каде ќе им покажеме како е составена почвата, како растат цвеќињата, што е битно за нивниот раст и развој. На едниот дел имаме велосипедска работилница, на другиот дел имаме работилница за животна средина и климатски промени, истакна, Никола Нешковски од „Еко Логик“ Скопје, при што додаде дека со користењето на велосипедот како превозно средство луѓето ќе си го поедностават животот и ќе придонесат за заштита на  животната средина.

Од „Еко –Логик“ истакнаа дека врз основа на склучени меморандум соработки со општини и училишта низ Македонија, работат на подобрување на велосипедската инфраструктура заради обезбедување подобри услови за движење со велосипед и зголемена безбедноста на велосипедистите.

-Во ООУ „Малина Попиванова“ се одржува работилница за велосипедизмот, поточно се врши едукација на учениците што значи велосипедот и колку е корисен за околината. Играме игри, вело-меморија, едукација за животна средина, а учениците цртаат и за велосипедот од моите соништа, ликовен конкурс на кој учествуваа ученици од сите училишта. Велосипедот е едно од најдобрите превозни средства како за возарсните така и за децата. Во нашето училиште многу деца го користат велосипедот како превозно средство, факт што радува, истакна Благој Петров, директор на ООУ „Малина Попиванова“.

Велосипедската работилница се организира во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз -2021“

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: