Основното училиште „Раде Кратовче“ од денеска ги отвори вратите за упис на првачиња во учебната 2021/2022 година.
Годинава во основните училишта во општината треба да се запишат 412 првоодделенци, од кои 98 во ОУ „Раде Кратовче“ – Кочани.
-По списокот што го добивме од Министерството за внатрешни работи официјално во нашето училиште припаѓаат 98 идни првачиња, деца родени 2015 година. Со претходна согласност од родител може да се запишат и деца родени во месец јануари 2016 година.Уписите започнаа денеска во 11 ч. и очекуваме дека сите родители ќе ги донесат дечињата во доделениот термин. Родителите може да се информираат за уписот и потребните документи и на веб и фејсбук страницата на ОУ „Раде Кратовче“, рече Марија Филипова, педагог во ОУ „Раде Кратовче“.
Филипова додаде дека за да бидат сигурни дека родителите ќе бидат навремено информирани, училиштето организирало и семејна посета на идните првооделенци, особено на улицата „14-та Македонска Бригада“ .
Уписот на првоодделенците ќе трае цел мај.
И. Матеничарски