Во очајна состојба се наоѓа единствената градска чешма со геотермална вода во близина на Основниот суд која повеќе од две децении служи или треба да им служи на граѓаните на Кочани.

Искршени и оштетени се мермерни плочи со кои е обложена чешмата. Затнати се одводите на изградените корита од кои претекува водата која истекува и ја поплавува околината околу чешмата што го прави пристапот отежнат и ги одвраќа граѓаните да ја користат геотермалната вода.

Оштетени и нефункционали се и столбовите за осветлување околу чешмата. Водата која истекува подоцна завршува во речното корито каде освен геотермалната вода течат и фекалии од цевка која е лоцирана под двојниот мост.

Повозрасните кочанчани кои ги контактиравме се сеќаваат на времињата кога геотермалната вода од чешмата ја користеле за домаќинствата, но и за пиење. Деновиве и граѓани на социјалните мрежи реагираат на очајната состојба во која се наоѓа чешмата со геотермална вода и апелираа надлежните да ја реновираат и вратат во функција.

Освен ООУ „Никола Карев и ООУ „Св. Кирил и Методиј“ кои во центарот на градот ја користат геотермалната вода за затоплување, останатото искористување на водата е сведено на минимум. Искористената вода за затоплување од училиштата потоа истекува од испуст кај с. Грдовци во самата река. Основниот суд порано ја користеше геотермалната вода за загревање, но веќе неколку години е надвор од мрежата. Единствено оранжериите кај Долни Подлог користат геотермалана вода и имаат инсталирано систем за враќање на водата до секторот Геотерма на КЈП „Водовод“ каде се складира во резервоар и оттаму преку цевковод до селото Бање се врши нејзино реинјектирање под површината на земјата, споделија доброупатени извори за „Гласно“.
Факт е дека искористувањето на геотермалните води од Кочанската котлина е на ниско ниво иако повеќе од 30 години истата се наоѓа во врвот на сите предизборни програми.

За почеток барем граѓаните ќе бидат задоволни со реновирање и враќање на сјајот на единствената градска чешма со геотермална вода во близина на Основниот суд во Кочани.
И. Матеничарски