Пожар во стан на улицата „Кеј на Револуција“

Дел од стан изгоре во пожар во зграда на улицата „Кеј на Револуција“ во близина на Градскиот плоштад во Кочани.

Пожарот избил во станот број 3 на вториот кат од стамбената зграда, а огнот започнал да се шири од една од просториите. Во моментот на избувнување на пожарот во станот имало лица кои без повреди веднаш го напуштиле станот на безбедно.

На терен интервенираа пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани со поддршка на пожарникарите – доброволци од Доброволното противпожарно друштво со три возила и 8 пожарникари кои за краток период успеаа да го локализираат пожарот и да спречат негово ширење кон останатите станови.

Според очевидци на настанот, првично се слушнала експлозија од која испукале неколку стакла од прозорците, а веднаш потоа пламен и густ чад почнал да излегува од еден од прозорците на станот. Останатите станари безбедно ја напуштиле зградата.

Поради вдишување на чад еден пожарникар побара помош од  екипа на Итната медицинска помош која интервенираше на лице место.

Предизвикана е поголема материјална штета. Причините за пожарот дополнително ќе се утврдуваат.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: