Во пресрет на есенскиот бран на коронавирус ќе се формира КОВИД центар во Кочани

Во 16 општини во земјава меѓу кои и Кочани ќе се формираат регионални ковид-центри во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, откако градоначалниците на 16 општини го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за нивно формирање, соопшти Министерството.

„Овие активности се одвиваат во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти“, велат од министерството.

Ова било договорено во петокот на состанокот на министерот за здравство Венко Филипче со градоначалниците на општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид-центри.

Сподели: