Во сабота е Митровденска задушница – верниците да ги почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19

Православната црква и верниците в сабота ја одбележуваат Митровденската или есенска задушница, која секогаш се паѓа во сабота, во очи на големиот празник Свети Димитриј Солунски-Митровден.

Поради состојбата со коронавирусот од храмот „Св.Вмч Георгиј“ во Кочани препорачуваат вечните почивалишта да се посетуваат само од најблиските, поменот да се изрази преку молитвен  чин, да се избегнува обичајот на бакнување на рака на свештеникот како и раздавање за душа помеѓу верниците.  Оттаму апелираат при посетата на вечните почивалишта да се избегнат групирања, а верниците да носат заштитни средства, придржувајки се на веќе дадените упатства.

Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на починатите. На овој ден вообичаено се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен на упокоените.

Христијанството е вера во чија основа се љубовта, грижата и жртвата кон ближните, па затоа верниот народ во оваа прилика треба да придонесе во заедничката борба против заразната болест и за општото здравје на сите.

И. Матеничарски

Сподели: