Вечерва, со почеток во 18 ч. во салата на Мултикултурниот центар во Кочани ќе се одржи јавна расправа по нацрт-буџетот на Општина Кочани за 2022 година.
Претставувањето пред јавноста на општинскиот буџет како акт на локалната власт со кој се планираат годишни приходи и други приливи и се одобруваат годишните расходи и другите одливи од општината има за цел да обезбеди вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки.
Со цел да имаат увид во буџетското планирање и за да се добијат конструктивни мислења и предлози од заинтересираните, нацрт-буџетот за 2022 година е објавен на веб-страницата на Општина Кочани.
На јавната расправа ќе присуствува градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, а заради доближување на поединости, дел од општинските програми ќе бидат презентирани пред присутните.Општина Кочани ги повикува сите заинтересирани граѓани, претставници на месни и урбани заедници, на граѓански здруженија и на институции активно да се вклучат во јавната расправа во нацрт буџетот на Општина Кочани за 2022 година.