СОУ „ Љупчо Сантов“ и градот Кочани неделава се домаќини на четириесет ученици и професори од Франција, Португалија, Кипар, Полска и Грција во рамки на проектот „Временска машина“ на Еразмус плус програмата за Европски образовни можности и мобилност.
„Временска машина“ е проект кој повикува на рационално користење на технологиите, начинот на добивање информации и користење во секојдневниот живот и настава. Учениците од кочанската гимназија и гостите деновиве ќе имаат заеднички работилници, разменувајки искуства од своите средини на живеење, презентации за националната и локалната историја и остварување контакти. Планирана е и посета на Скопје и Охрид за разгледување на културните обележја на Македонија.
Директорот на СОУ „Љупчо Сантов“ Игор Христов ги истакна позитивните аспекти на проектот и примената на научените практики во секојдневното живеење.

„Проектот ќе донесе многу иновативни моменти, софтверска примена во однос на секојдневната настава како и вежбање на повисоко ниво на англискиот јазик, запознавање на различни образовни системи, како и култури традиции и обичаи, трајни пријтелски врски кои се надеваме на нашите ученици и професори ќе им користат во иднина. Проектот започнува годинава, а завршува по две години“ – рече Игор Христов директор на СОУ„Љупчо Сантов“ Кочани.
Присутните гости ги поздрави и претседателот на Советот на Општина Кочани Томе Солевски кој ја истакна подршката на Општината за проектите од Еразмус плус програмата кои се од добробит за учениците и градот Кочани.
По официјалното отворање, гостите имаа можност да го разгледаат училиштето, да се запознаат со учениците и професорите за на крај својата дружба да ја продолжат на организираниот коктел.
Во проектот се вклучени дваесет и осум ученика и осум професори од СОУ „Љупчо Сантов “ под менторство на професороката Весна Кушевска.
И.Матеничарски






