Тече огласот за пријавување за избор на најуспешен земјоделец-производител на ориз, што деновиве го објaви Одделението за јавни дејности при Општина Кочани, во соработка со организациониот одбор на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
На повикот можат да се пријават сите жители на Кочани кои се регистрирани земјоделски производители во единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Подрачна единица Кочани.
Заинтересираните земјоделци можат да се пријават по јавниот повик, а притоа треба да ги исполнуваат задолжителните критериуми и тоа, поднесување на потврда за количина на предадена арпа-ориз во килограми на годишно ниво, откупени од регистрирани откупувачи во периодот од 30.08.2020 година до 30.08.2021 год. и потврда за поседување или располагање со земјоделско земјиште.
Дополнителни бодови се добиваат доколку се работи за млад полнолетен земјоделец, како и за значајни остварувања и постигнувања во областа на земјоделството во Македонија и странство, кое се докажува со фотокопија од доделената потврда или сертификат.
Исто така подносителите на пријавите потребно е да достават пријава за остварени приходи за 2020 година.
Наградата за избор на најуспешен земјоделец на општина Кочани е парична и изнесува 60.000,00 денари,а истата ја доделува Градоначалникот на Општина Кочани, на предлог на организациониот одбор согласно изготвена ранг листа од стручна комисија
Огласот за избор на најуспешен земјоделец е објавен на веб страницата на Општина Кочани и трае до 23 септември до 12 часот. Пријавите по јавниот повик треба да се доставуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани.
Целиот јавен оглас може да го погледнете со клик ОВДЕ.
И. Матеничарски