Утрово екипа на ЕВН Македонија била нападната во населбата Трајаново Трло во Кочани при отстранување на повеќедневен дефект на електричната мрежа.
Според информациите до кои дојде интернет-порталот „Гласно”, нападот и заканите се случил како револт на жители бидејки при отстранување на дефектот биле откриени и прекинати и кабли од диви приклучоци на мрежата.
Од Секторот за внатрешни работи – Штип за „Гласно” ја потврдија пријавата за случајот и истакнаа дека се работи на документирање по што ќе следи соодветна пријава. Во кратката информација не беше потврдено дали станува збор за физички или само вербален напад и закана.
Жители од Трајаново Трло и претходните денови реагираа дека поради диви приклучоци на мрежата и нејзина преоптовареност се случуваат чести испади во мрежата.
Според извори од населбата кои сакаа да останат анонимни, екипата на ЕВН била нападната и им се било заканувано од лица добропознати на полицијата. Апелираа да се реагира на време за да не се дозволи ситуацијата да ескалира како пред две години кога цела населба беше мета на кражби, насилство и немир од група насилници.
По интервенција на полицијата екипи на ЕВН продолжиле со санирање на дефектот под полициска заштита.